Замислете да имате свој остров. Не за фалење со јахти и шампањ, туку за тишина, шума и звукот на брановите. Токму тоа го нуди Visit Sweden – но со едно изненадувачко правило: најбогатите луѓе во светот не смеат да учествуваат.
Во земјата со најмногу острови во светот – Sweden – пет среќници ќе добијат шанса да станат официјални „чувари“ на свој остров цела една година. Но, да расчистиме: нема да станете сопственик, нема да можете да го преименувате и нема да изградите ресорт.
Наместо тоа, добивате титула старател, диплома како доказ и право да уживате во природата – кампување, пливање, дружење со пријатели – сè додека ја почитувате животната средина и локалниот свет. Бидејќи во Шведска важи законот за слободен пристап до природата, островот нема да биде „заклучен“ само за вас.
Во игра се пет острови: Медбодан, Флисан, Сторбергет, Тјувхолмен и Марстен, а наградата вклучува и повратен превоз за две лица до Шведска. До островот, сепак, ќе мора сами – со кајак, СУП или брод.
За да влезете во трката, треба да испратите едноминутно видео со објаснување зошто токму вие го заслужувате островот. Објавете го со хаштаг #YourSwedishIsland и зголемете си ги шансите.
Пријавувањето трае до 17 април 2026, а победниците ќе бидат познати во мај. Единствени што немаат право на учество? Милијардерите. Овој луксуз е резервиран за оние што ја ценат тишината повеќе од богатството.















