ПРВ.мк
Магазин

Традиција и вера: Што значи Крстопоклона недела за православните христијани?

Традиција и вера: Што значи Крстопоклона недела за православните христијани?
Kristal

Во третата недела од Велигденскиот пост, православните верници го празнуваат поклонувањето на Чесниот и Животворен Крст – ден кој има посебно духовно значење во средината на Четириесетницата.

Според црковното учење, оваа недела е поставена во средината на постот за да ги охрабри и духовно да ги зајакне верниците во нивниот подвиг. Во текот на постот, човекот се соочува со искушенија, замор и духовна борба, па затоа Црквата го поставува Крстот како потсетник на страдањата на Господ Исус Христос и како извор на утеха и надеж.

Пораката е дека, ако Христос се распнал за спасението на луѓето, тогаш и верниците треба со трпение и вера да го издржат својот духовен подвиг. Сеќавањето на Христовите страдања и надежта во славата на воскресението им помага на верниците полесно да ги надминат тешкотиите.

Црковните отци ја споредуваат оваа недела со одмор за патник кој поминува долг и тежок пат. Како што патникот, изморен од патувањето, наоѓа сенка под дрво за да се одмори и потоа продолжува со нова сила, така и Крстот во средината на постот им дава духовно олеснување и сила на верниците да го продолжат постот.

Во богословската симболика, Крстот се споредува и со „дрвото на животот“. Како што во Стариот завет Мојсеј со дрво ја направил горчливата вода слатка, така и Христовиот Крст ја претвора духовната горчина и тежина на постот во надеж, утеха и спасение.

Со поставувањето на Крстот во средината на Четириесетницата, Црквата ги потсетува верниците и на падот на Адам, но и на спасението што доаѓа преку Христос. Наместо смрт, како што било со забранетото дрво во рајот, Крстот станува извор на живот и духовно обновување.

На овој начин, верниците се подготвуваат за најголемиот христијански празник – Христовото воскресение, кое се смета за победа над смртта и темнината.

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo