Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, повторно ја отвори дилемата која се крева во Македонија – воведување закон за личен банкрот како клучно решение за илјадници граѓани заглавени во долгови.
На јавната средба во Стопанската комора, Славески предупреди дека околу 120.000 граѓани имаат блокирани сметки и не можат да пристапат до финансискиот систем поради неподносливите камати од кредиторите.
„Сите развиени земји го имаат овој закон, и ние не можеме бесконечно да толерираме ситуација каде луѓето не можат да ги отплатат долговите. Време е за конкретни решенија“, изјави тој.
Иако прецизира дека иницијативата е повеќе во рацете на Министерството за финансии, Славески смета дека потребно е заеднички да се почне јавна дебата за донесување закон за личен банкрот кој ќе го реши еден дел од растечкиот социјално-економски проблем.
На предлог за повторно воведување мерки како одложување на кредитните обврски, како што беше во ковид-кризата, гувернерот одговори дека тоа не е вистинскиот момент, но е отворен за индивидуални разговори со банките.
„Банките не сакаат да бидат агенции за продажба на недвижности. Не е во нивен интерес да воведуваат генерализирани мерки, но индивидуални решенија се можни“, истакна тој.
Професорката Ирена Кикеркова од Економскиот факултет во Скопје го критикуваше пристапот на Народната банка, посочувајќи дека аналитичките податоци што ги користи институцијата се ограничени и површни, и дека е неопходна реконструкција на тимовите за анализа за да се донесат поефикасни политики.
Славески нагласи дека главните приоритети на Народната банка остануваат ниската инфлација и финансиската стабилност во земјата.