Три момчиња и едно девојче го загубија животот во трагичен напад што се случил во градинка во главниот град на Уганда, Кампала. Според полицијата, децата биле нападнати со нож, а напаѓачот користел повеќе остри предмети при извршувањето на злосторството.
Осомничениот, 39-годишен маж, е приведен и моментално се наоѓа на распит. Надлежните институции соопштија дека истрагата е во тек и дека се утврдуваат неговите мотиви, минато и сите околности поврзани со овој тежок настан.
Ситуацијата дополнително се вжештила кога гневни родители се обиделе да се пресметаат со напаѓачот веднаш по инцидентот. Според информации од полицијата, тие се обиделе да го линчуваат пред тој да биде одведен од безбедносните сили.
На социјалните мрежи се појавија вознемирувачки снимки од местото на настанот, на кои се гледаат голем број потресени луѓе, за кои се претпоставува дека се родители во потрага по информации за своите деца.
Според изјавите на полицијата, напаѓачот претходно ја посетил градинката со намера да се информира за запишување на дете. Му било кажано да се врати подоцна, но тој повторно дошол, ја платил уписнината, по што ненадејно го започнал нападот.
Трагедијата се случила пред 11 часот по локално време, кога полицијата добила повик за итна интервенција. Во моментот на нападот во градинката имало повеќе деца, но останатите десет биле безбедно предадени на своите родители.
Истражните екипи и понатаму се на терен во населбата Ггаба, каде се случил настанот, а надлежните најавуваат дека дополнителни информации ќе бидат објавени по завршување на истрагата. Во меѓувреме, од полицијата апелираат до јавноста да остане смирена додека се расчистуваат сите детали околу овој шокантен случај.









