Комесарот на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), Филип Лазарини, остро предупреди дека испораката на хуманитарна помош во Газа по воздушен пат не само што е десетици пати поскапа, туку и помалку ефикасна и деградирачка за жителите.
„Авиони фрлаат половина од тоа што носи еден камион, а чини сто пати повеќе“, напиша Лазарини на социјалната мрежа Х. Додаде дека дури 6.000 камиони со храна и медицинска помош чекаат на влез во Газа, но израелските власти и натаму спроведуваат строга проверка на секое возило, блокирајќи масовен хуманитарен пристап.
И покрај тоа, неколку земји – меѓу кои Обединетите Арапски Емирати, Франција, Египет и Јордан – продолжуваат да ја поддржуваат воздушната испорака, иако Обединетите нации претходно предупредија дека оваа практика е ризична, недоволна и симболична, а не реално решение.
Жителите на Газа изјавија за Си-Ен-Ен дека се чувствуваат понижени, бидејќи мораат да трчаат под гранати за да зграбат пакети фрлени од небото – често недостижни или небезбедни.
„Ако постои политичка волја да се дозволи нешто толку скапо и неефикасно, тогаш мора да постои и волја да се отвори копнениот пристап“, рече Лазарини.
Тој потсети дека УНРВА за време на прекинот на огнот од јануари до март успеала да внесе 500–600 камиони дневно. Според него, ниту една друга иницијатива – вклучувајќи ја и новата американска Хуманитарна фондација за Газа – не успеала да се доближи до ефикасноста на системот координиран од Обединетите нации.
Во услови на глад и опсада, Лазарини нагласува дека вистинската хуманитарна поддршка не смее да се сведува на PR-акции од небо, туку мора да биде заснована на реална достава, отворени премини и политичка одговорност.