На 28 март 2026 година околу 16:11 часот, во близина на градските гробишта во Виница бил пронајден починат 56-годишен маж од селото Липец, информираат од надлежните служби.
Смртта ја констатирал лекар, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Во врска со случајот, полициските службеници лишиле од слобода четири лица – тројца државјани на Грција на возраст од 24, 55 и 80 години, како и едно лице од битолското село Жабени.
Во рамки на истрагата, спроведена од ОВР Виница во координација со ОЈО Кочани, биле извршени претреси во возилата што ги користеле осомничените, како и во апартманите во кои престојувале во Виница. При претресите биле пронајдени и одземени четири ловни пушки, околу 800 парчиња ловечка муниција и друг доказен материјал релевантен за случајот.
Против едно од лицата, 80-годишен државјанин на Грција, ќе биде поднесена кривична пријава за дело „убиство“ согласно член 123 од Кривичниот законик, додека за останатите лица ќе следуваат соодветни поднесоци до Основното јавно обвинителство во Кочани.
Истрагата продолжува со цел целосно расчистување на околностите под кои се случил овој кривично-правен настан.



















