По неколку години неизвесност, затворени порти и судски спорови, комплексот „Аман Свети Стефан“ во Црна Гора е на чекор до повторно отворање. Владата на Црна Гора и закупецот постигнаа спогодба со која комплексот ќе ги пречека гостите веќе во летната сезона 2026 година.
Премиерот Милојко Спајиќ соопшти дека владата ги усвоила условите за порамнување во арбитражната постапка во Лондон, со што е заштитен државниот интерес и избегната потенцијална штета поголема од 100 милиони евра.
Клучни услови на договорот:
- Закупнината за „Свети Стефан хотели“ се зголемува од 1.285.000 на 1.555.000 евра, а за ХТП „Милочер“ од 350.000 на 423.000 евра, со усогласување со инфлацијата.
- Предвидено е плаќање на разлика од околу 500.000 евра и регулирање на ДДВ-обврските.
- Државата за првпат ќе има 10% учество во профитот.
- Не се планира дополнителна градба во Милочерскиот парк, а закупот ќе се продолжи за пет години, со обврска комплексот да биде отворен најдоцна до јуни 2026 година.
Компаниите „Аман“ и „Адриатик пропертис“ потврдија дека се подготвени за повторно активирање на комплексот и целосно се откажуваат од барања за отштета, прифаќајќи модел во кој државата учествува во добивката.
Повторното отворање доаѓа по долг застој што започна во 2021 година поради спор меѓу државата и закупецот околу користењето на Краљичината плажа и Милочерскиот парк. Арбитражата и домашните судови долго време ја комплицираа ситуацијата, додека одлуката на Уставниот суд од февруари годинава ја потврди надлежноста на државните институции да го решат спорот.
Иако владата го оценува договорот како успех, во јавноста се појавија критики и сомнежи околу процесот на продолжување на закупот.
За туристичкиот сектор, враќањето на Свети Стефан е значајна вест: комплексот не само што ќе ја обнови својата улога како луксузен хотел, туку ќе биде и симбол на надминат долгогодишен спор и враќање на Црна Гора на престижната туристичка сцена.










