41-годишен македонски државјанин, по кого со години била распишана меѓународна потерница, е уапсен во Тирана, Албанија. Тој моментално се наоѓа во притвор, а во тек е постапка за негова екстрадиција во Австрија, каде што го очекува судење.
Според информациите од австриското Јавно обвинителство во Инсбрук, осомничениот бил баран од 2023 година и зад себе има обемно криминално досие. Му се ставаат на товар низа тешки кривични дела, меѓу кои тешка изнуда, нанесување телесни повреди, трговија со дрога и опасно заканување.
По долготрајна истрага спроведена од Државната криминалистичка полиција на покраината Тирол (LKA), била утврдена неговата локација. Во координација со Сојузната криминалистичка полиција на Австрија и албанските безбедносни служби, минатиот петок била реализирана прецизна полициска акција во Тирана.
При апсењето, покрај приведувањето на осомничениот, полицијата извршила и заплена на одредена количина наркотични средства, што дополнително го отежнува неговиот случај.
Македонскиот државјанин ќе остане во албански притвор сè додека не заврши екстрадициската постапка, по што ќе биде предаден на австриските власти за понатамошна кривична постапка.
















