Сезонскиот грип сериозно ја влошува здравствената состојба во земјава, а последиците веќе се фатални. На Клиниката за инфективни болести во Скопје почина 75-годишна жена кај која се развиле тешки компликации од вирусот на грип.
Од клиниката информираат дека пациентката имала повеќе хронични заболувања и не била вакцинирана против сезонска инфлуенца. Кај неа лабораториски била потврдена инфлуенца тип А, која кај повозрасните и хронично болните лица често предизвикува сериозни последици.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, изјави дека здравствената состојба на дел од хоспитализираните пациенти е исклучително тешка. Во моментов, двајца пациенти се наоѓаат во критична фаза и се приклучени на апарати за механичка вентилација, додека неколку други примаат кислородна поддршка.
На клиниката во моментов се лекуваат вкупно 25 пациенти, најголем дел од нив повозрасни лица со компликации, најчесто поврзани со зафатеност на респираторниот систем. Лекарите предупредуваат дека ваквите состојби бараат болничко лекување и постојан медицински надзор.
Загрижувачки се и бројките на Институтот за јавно здравје, според кои само во првата недела од годинава се евидентирани 1.725 случаи на грип низ Македонија, што укажува на силен бран кој сè уште не го достигнал својот врв.

















