Локалните избори што денес се одржуваат во десет општини во Србија се одвиваат во атмосфера исполнета со напнатости, инциденти и физички пресметки на повеќе избирачки места.
Според извештаите од терен на локалните медиуми, тепачка избила пред просториите на Српска напредна странка во градот Бор, додека во Бајина Башта биле оштетени возила на опозициски набљудувачи, при што им биле пробушени гумите.
На повеќе гласачки места е забележано засилено присуство на полицијата, која во неколку наврати интервенирала за да спречи ескалација на конфликтите. Пријавени се и напади врз набљудувачи од студентски листи, како и бројни нерегуларности, меѓу кои фотографирање на гласачки ливчиња и појава на паралелни избирачки списоци.
Дополнително, набљудувачите укажуваат на зголемен број пријави за гласање надвор од избирачките места, што во одредени општини достигнува и до пет проценти од вкупното избирачко тело, отворајќи сомнежи за можни манипулации.
Владејачката Српска напредна странка соопшти дека активисти и лидери на опозициските листи „грубо ги вознемируваат и провоцираат граѓаните“, додека опозициските структури и студентските движења укажуваат на притисоци, поткуп и организирани злоупотреби.
Овие избори се сметаат за важен политички тест за владеењето на претседателот Александар Вучиќ, особено по масовните антивладини протести предводени од студентите минатата година, на кои беа поставени барања за демократизација, борба против корупцијата, независно судство и слободни медиуми.
Гласањето трае до 20 часот, по што се очекуваат првичните резултати и оценките за регуларноста на изборниот процес.



















