Авион на авиокомпанијата „Ер Индија Експрес“ кој во средата летал од Хајдерабад доживеал сериозен инцидент при слетување на меѓународниот аеродром во Пукет, Тајланд, кога било оштетено предното слетувачко тркало на леталото.
Според индиските медиуми, авионот од типот „Боинг 737 Макс 8“ при таканаречено тврдо слетување се лизнал по пистата, по што се скршило предното тркало на слетувачкиот механизам.
На фотографиите од местото на настанот се гледа леталото со оштетен преден дел, кое останало на пистата.
Во авионот имало 133 патници, кои по инцидентот биле безбедно евакуирани и префрлени во просторот за чекање во рамки на аеродромот. Засега нема информации за повредени лица.
Аеродромските власти по инцидентот ја затвориле пистата до 18 часот по локално време, со цел да се отстрани оштетениот авион и да се изврши безбедносна проверка на пистата.
Итните служби веднаш интервенирале за да го обезбедат подрачјето и да ја гарантираат безбедноста на патниците и екипажот.
Предниот слетувачки механизам е клучен дел од системот за слетување и управување на авионот на земја, бидејќи обезбедува стабилност и контрола при движење по пистата, полетување и слетување.


















