ПРВ.мк
Свет

ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ЧЕРНОБИЛ? - Место кое некогаш беше смртна закана денес крие изненадување што малкумина го очекуваа!

ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ЧЕРНОБИЛ? - Место кое некогаш беше смртна закана денес крие изненадување што малкумина го очекуваа!

Експлозијата во нуклеарната електрана во Украина на 26 април 1986 година останува запишана како најтешката нуклеарна катастрофа во историјата. Радијацијата се прошири низ Европа, цели градови беа евакуирани, а десетици илјади луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови. И речиси четири децении подоцна, Чернобил сè уште важи за опасно место за човечки живот – но она што се случува таму денес привлекува големо внимание.

И покрај високото ниво на радијација, природата почнала да си го враќа просторот. На територијата каде човекот не може да живее, денес слободно се движат диви животни. Меѓу нив се и коњите на Пржевалскиев коњ, кои пасат низ огромната зона на исклучување – простор поголем од Луксембург. Овие коњи, со својата специфична градба и песочна боја, станале симбол на неочекуваното враќање на животот.

Покрај нив, во оваа „ничија земја“ меѓу Украина и Белорусија повторно се појавиле волци, а по повеќе од еден век се вратиле и мечки. Популациите на рисови, елени, лосови и диви кучиња значително се зголемиле, што покажува дека екосистемот се обновува.

Овие диви коњи, кои потекнуваат од Монголија, некогаш биле на работ на исчезнување. Во Чернобил биле донесени во 1998 година како дел од експеримент за повторно населување. Интересно е што тие имаат 33 пара хромозоми, за разлика од домашните коњи кои имаат 32, што ги прави генетски различни.

Според научниците, нивното опстанување во вакви услови е вистинско мало чудо. Со исчезнувањето на човечкото влијание, природата почнала брзо да се обновува, а делови од зоната денес наликуваат на европски пејзажи од пред неколку векови.

Промените се видливи на секој чекор – дрвја никнуваат низ напуштени згради, патиштата исчезнуваат под вегетација, а старите натписи и гробишта сведочат за некогашниот живот. Камери поставени од научници покажуваат дека животните се прилагодуваат на необични начини – коњите дури користат напуштени куќи и штали како засолниште од временски услови и инсекти.

Иако радијацијата сè уште е присутна, не се забележани масовни угинувања, но има суптилни промени кај некои видови. На пример, кај одредени жаби е забележана потемна кожа, а кај птиците во порадиоактивни области почесто се појавуваат проблеми со видот.

Сепак, нови закани се појавија со војната. По руската инвазија во 2022 година, зоната стана дел од воени активности, при што избувнаа пожари, дел од шумите беа уништени, а инфраструктурата претрпе штети. Пожарите дополнително претставуваат ризик, бидејќи можат повторно да ослободат радиоактивни честички во воздухот.

Денес, Чернобил не е само напуштено место, туку строго контролиран простор со воени бариери и ограничен пристап. Иако останува опасен за луѓето и веројатно ќе биде таков уште многу генерации, во исто време претставува редок пример како природата може да се обнови кога ќе се повлече човечкото влијание.