ПРВ.мк
Свет

Потврдено од три инсајдерски извори во Кремљ до кои дојде Ројтерс: Крај на приказната. Путин одлучи!

Потврдено од три инсајдерски извори во Кремљ до кои дојде Ројтерс: Крај на приказната. Путин одлучи!
Escape

Пријателската реторика полна со комплименти меѓу Путин и Трамп прерасна во отворени тензии и обвинувања

Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна му постави ултиматум на Владимир Путин: 50 дена за постигнување мировен договор и најави остри трговски мерки против Русија како притисок за прекин на огнот во Украина. Но, Путин воопшто не се вознемири од тоа.

Според три извори блиски до рускиот претседател, со кои разговарал Ројтерс, Путин нема намера да се повлече и планира да го продолжи војувањето сè додека Западот не ги прифати неговите основни барања. Ова може да значи крај на приказната за голем мировен договор меѓу двајцата лидери. Предизборните ветувања на Трамп дека ќе го реши конфликтот за „24 часа“ веќе никој не ги споменува.

Како се менуваше односот меѓу Трамп и Путин?

По инаугурацијата на Трамп во јануари, Путин испрати официјална честитка и најави отвореност за договор за завршување на војната. Трамп се откажа од изјавата за „24 часа“, но тврдеше дека 30 дена се реален рок. Не го обвини Путин директно за војната.

Во февруари, американскиот претставник Стивен Виткоф отпатува во Москва за да преговара за размена на заробеници, со што формално беше обновена директната комуникација меѓу САД и Русија. Следниот ден, Трамп и Путин разговараа телефонски – теми беа Украина, енергетска безбедност и можни средби. Трамп почна да ја критикува Украина дека не сака мир, беше против нејзиното членство во НАТО и го напаѓаше Зеленски како „непопустлив“.

На крајот на февруари, дојде до јавна расправија меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа. Во март, двајцата лидери повторно телефонски контактираа неколкупати, но иако се разговараше за прекин на огнот, не дојде до конкретни резултати.

Следните два месеца немаше напредок – се најавуваше дури и физичка средба. Но, Трамп почна да изразува сомнежи дека Путин навистина сака мир. Во јуни, Трамп изјави дека разговорите се „конструктивни, но недоволно продуктивни“. Путин, пак, одби трилатерална средба со Зеленски, која Трамп се обидуваше да ја организира.

На почетокот од јули, Трамп остро го нападна Путин поради засилените напади врз украинските градови. Путин возврати дека Русија нема да се откаже од своите воени цели. Трамп тогаш го најави рокот од 50 дена и изјави: „Не сум на ничија страна. Сум на страната на човештвото – сакам убивањето да престане.“

Путин го влече Трамп за нос

Пријателската реторика се претвори во тензии и меѓусебни обвинувања.

„Путин го влече Трамп за нос – тоа им е јасно на сите што добро ја познаваат Русија“, изјави рускиот аналитичар Михаил Комин.

Тој смета дека Путин само купува време за да си ги оствари целите, но внимава да не го испровоцира Трамп премногу, за да остане неутрален и да не испраќа дополнително оружје на Украина.

Џенифер Каванаг од американскиот тинк-тенк Defense Priorities смета дека најавите на Трамп нема да имаат реален ефект на теренот.

„Трамп го менува ставот речиси секоја недела. Видовме повеќе негови ултиматуми без резултат. Санкциите што ги најавува би можеле повеќе да му наштетат на американското стопанство отколку на Русија“, вели таа.

Светските медиуми: Ова нема да донесе мир

Светските медиуми пишуваат дека односот меѓу Трамп и Путин стигна до точка кога мора да се испорача некаков резултат – но малкумина веруваат дека тоа ќе биде мир.

The Guardian пишува дека Трамп му пристапил на Путин „како агент за недвижности“ кој нуди туѓа територија без јасни услови, без разбирање зошто дошло до војната и колку би траел таков „мир“.

Time вели дека Трамп не ги слуша американските разузнавачки служби и мисли дека може да го убеди Путин да ја смени политиката.

Washington Post заклучува дека стратегијата на Трамп „ескалација за деескалација“ можеби функционира во трговија, но не и со човек кој започна инвазија и нема внатрешни притисоци во својата држава.

Сличен политички инстинкт

Американските аналитичари сметаат дека Трамп и Путин имаат сличен политички инстинкт – популизам, презир кон институциите и наклонетост кон авторитарен стил. Дури и кога немало конфликти меѓу нив, нивната соработка никогаш не била вистинско сојузништво – туку меѓусебно користење.

Односот, според аналитичарите, може да заврши на три начини:

  1. Во корист на Путин,
  2. Со целосен прекин,
  3. Или со тивка зделка што ќе ги разниша темелите на западниот поредок.

Руската политиколог Александра Филипенко, која живее во Литванија, изјави за Deutsche Welle дека не очекува ништо драстично по истекот на рокот од 50 дена.

Според неа, најверојатно е дека двајцата лидери ќе се вратат на старата приказна – тивки договори и прагматичен цинизам. А војната и уништувањето на Украина ќе продолжат.

Mia Home Mavrovo