ПРВ.мк
Свет

Ова е жената која се сомничи дека ги одвела седумте исчезнати деца во Унгарија – можно е да им е мајка!

Ова е жената која се сомничи дека ги одвела седумте исчезнати деца во Унгарија – можно е да им е мајка!
Kristal

Полицијата во Унгарија попладнево објави фотографија од жена која е осомничена дека ги одвела седумте деца од градот Мако, кој се наоѓа во близина на границите со Србија и Романија. И самата жена се води како исчезната, а постои можност таа да им е мајка на децата.

Полицијата објави и фотографии од седумте деца и апелира до граѓаните доколку ги забележат веднаш да пријават кај надлежните служби.

Како што веќе беше објавено, полицијата во Мако интензивно трага по седумте деца од семејството Бузас, кои исчезнале на 7 март. Околностите под кои исчезнале сè уште не се разјаснети, а истражителите се обидуваат да утврдат како е можно сите деца да исчезнат во исто време и каде би можеле да се наоѓаат, имајќи предвид дека биле сместени во неколку згрижувачки семејства и во дом за згрижување деца.

Првично како исчезнати биле пријавени четири деца – Абел (2), Кевин Адам (7), Доминик (8) и Анита Рубин (9). Подоцна било утврдено дека исчезнати се уште три деца со истото презиме – Лилиен (3), Ѓерѓ (8) и Амира Џесика (11). Поголемиот дел од нив се родени во Печуј, а пораснале во Мако и живееле во згрижувачки семејства или во институции за грижа за деца.

Неколку часа по пријавата за исчезнувањето, на листата на исчезнати била додадена и 39-годишната Ержебет Аните Пап, за која постои сомнеж дека е поврзана со случајот. Според полициски извори, можно е жената да ги земала децата или да избегала заедно со нив, па во моментов можеби се движат како група.

Поранешниот инспектор и пензиониран полициски мајор, Атила Молнар, изјави дека постојат индиции оти токму жената можеби го организирала заминувањето.

– Децата исчезнале од своите домови или од згрижувачките семејства. Иако не е сосема јасно каква е нивната врска со возрасната жена, трагите укажуваат дека таа можеби го организирала нивното заминување и ги одвела – изјави Молнар.

Тој додаде дека засега не е познато каква семејна или крвна врска има меѓу жената и децата.

– Постојат индиции дека жената ги одвела и веројатно однапред го испланирала бегството. Најверојатно сите се уште се заедно, или се кријат или се движат. Поради големиот број деца, тешко е долго време да останат незабележани. Таква група не може лесно да патува со јавен превоз без да привлече внимание, а дури и патувањето со автомобил би барало минибус – објасни тој.

Според него, во случаи кога жена – најчесто мајка – бега со деца, зад тоа често стои семејна драма.

– Можно е децата претходно да ѝ биле одземени, таа неодамна да излегла од затвор или од некоја друга причина да не можела да се грижи за нив. Полицијата мора брзо да реагира во интерес на децата, бидејќи не е случајно што биле сместени во институции или кај згрижувачки семејства – нагласи Молнар.

Полицијата продолжува со интензивната потрага, но засега не открива повеќе детали за да не се загрози истрагата и за да се заштити приватноста на малолетните деца.

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo