Германија подготвува сериозен пресврт во миграциската политика – се најавуваат драстични гранични контроли и значително потешки услови за добивање државјанство.
Според информации од германски медиуми, се разгледува можноста лицата што веќе поседуваат германски пасош, а јавно повикуваат на воспоставување калифат или шеријатски закон, да останат без државјанството. Истата мерка би можела да се применува и за лица со двојно државјанство или странци осудени за антисемитски дела.
Во меѓувреме, ЦДУ наводно подготвува резолуција со која барателите на азил што влегуваат во ЕУ преку безбедни трети земји би биле веднаш враќани на надворешните граници на Унијата – без долги процедури. За ова, сепак, ќе биде потребна правно обврзувачка регулатива на ниво на ЕУ, како и дополнителен протокол кон Европската конвенција за човекови права.
Потешко до германски пасош
Предложените измени носат и построги критериуми за натурализација. Кандидатите ќе мора да докажат напредно познавање на германскиот јазик со официјален сертификат и дополнителен усен тест. Исто така, ќе треба најмалку пет години да живеат без социјална помош, да имаат минимум седум години легален престој и чисто криминално досие.
Дополнително, лицата со одбиено барање за азил и оние од земји каде што конфликтите завршиле, би можеле трајно да го изгубат правото на престој.
Овие најави сигнализираат дека Берлин е подготвен за поцврст пристап кон миграцијата и интеграцијата.

















