ПРВ.мк
Свет

Европското небо пред хаос: Конфликтот со Иран се заканува да го претвори летото во кошмар за патниците!

Европското небо пред хаос: Конфликтот со Иран се заканува да го претвори летото во кошмар за патниците!

Дури и ако конфликтите на Блискиот Исток завршат веднаш, европскиот авио-сектор веќе се подготвува за тежок период. Проблемите со снабдување со гориво, предизвикани од нарушувањата во Ормузкиот Теснец, сериозно влијаат врз цените и стабилноста на летовите токму во екот на туристичката сезона.

Европската Унија нема доволно домашно производство на авионско гориво и може да покрие најмногу околу 70 проценти од своите потреби. Тоа значи дека секое подолго нарушување на транспортот од земјите од Заливот може да предизвика сериозен недостиг, што директно ќе се одрази врз авиокомпаниите и патниците.

Угледниот медиум Политико анализира три можни сценарија кои покажуваат колку сериозни можат да бидат последиците.

Во најоптимистичката варијанта, доколку конфликтот брзо заврши и транспортот низ теснецот се нормализира, кризата нема веднаш да исчезне. Ќе бидат потребни недели, па и месеци, за снабдувањето повторно да се стабилизира. Тоа значи дека цените на билетите ќе останат високи, но барем ќе се избегнат масовни откажувања на летови.

Сепак, многу експерти сметаат дека поверојатно е средно сценарио, во кое транспортот ќе се одвива со прекини. Во таков случај, цените на горивото ќе останат високи, а авиокомпаниите ќе бидат принудени да прават кратења. На удар најпрво би се нашле помалку профитабилните линии, особено регионалните и туристичките летови на подолги релации. Патниците, пак, ќе се соочат со повисоки цени, помал избор и поретки летови.

Во најлошото сценарио, доколку кризата продолжи цело лето и транспортот остане блокиран, може да дојде до сериозен недостиг на гориво. Тоа би значело радикални мерки, како ограничување на летовите и рационализирање на потрошувачката. Во такви услови, не само што цените би експлодирале, туку и бројот на достапни летови би се намалил значително.

Дополнително, ваквата ситуација може да предизвика пошироки последици во авио-индустријата. Аеродромите би се соочиле со проблеми во снабдувањето, авиокомпаниите со финансиски загуби, а нискобуџетните превозници би биле особено погодени поради нивниот модел на работа кој зависи од голем обем и ниски трошоци.

Иако Европска комисија засега го отфрла најцрното сценарио, веќе се подготвуваат итни планови. Можно е дури и земјите членки да бидат принудени да ги делат резервите на гориво доколку ситуацијата се влоши.

Јасно е дека исходот од конфликтот ќе има директно влијание врз тоа дали летото ќе помине со скапи билети или со сериозни ограничувања во воздушниот сообраќај, оставајќи ги патниците во неизвесност до последен момент.

Најнови вести