Кина се соочува со една од најголемите воени чистки во последната деценија, откако претседателот Си Џинпинг отпушти околу 20 генерали и високи офицери во исклучително краток рок. Според анализата на New York Times, драматичниот потег отвора сериозни сомнежи за длабока корупција и нестабилност во најмоќните делови од кинеската армија – особено во единиците задолжени за нуклеарното вооружување.
Во исто време, глобалната сцена станува сè понеизвесна. Доналд Трамп повика повторно да се активираат нуклеарните тестирања во САД, со образложение дека „другите земји веќе го прават тоа“, додека Пекинг забрзано го проширува својот нуклеарен арсенал. Во такви услови, масовните смени во кинеската команда отвораат сериозни прашања за подготвеноста на земјата да управува со овој опасен капацитет.
Во последните девет месеци биле сменети или приведени најмалку 20 генерали и адмирали – најмногу во Ракетните сили, единицата која управува со кинеските нуклеарни проектили. Некои команданти исчезнале од јавност, други се под истрага за злоупотреби, а бројни воени фирми се предмет на контролa поради сомневања за незаконски профит.
Експертите објаснуваат дека Си Џинпинг е длабоко загрижен за лојалноста на армијата, особено во период на можни внатрешни немири, економски притисоци и растечка конфронтација со САД околу Тајван. Чистките треба да ја зацврстат неговата моќ, но истовремено покажуваат дека проблемите во воената структура се подлабоки од поединечни криминални случаи.
Кинеската армија историски се поврзува со корупција и луксузен начин на живот на високите офицери. Иако Си започна масовна реформа по преземањето на власта во 2012 година, неодамнешните смени покажуваат дека недовербата кон командниот кадар е поголема од кога било.
Особено загрижува ситуацијата во Ракетните сили – најчувствителниот и најважен дел од кинеското вооружување. Сомневања за манипулации со проекти, финансиски злоупотреби и слабости во инфраструктурата ги доведуваат под прашање реалните способности на Пекинг во евентуален конфликт.
Во услови на забрзана модернизација на кинеската војска, развој на хиперсонични ракети, беспилотни системи и подземни ракетни силоси, аналитичарите предупредуваат дека моменталната чистка истовремено открива сила – но и сериозна ранливост.
Во период кога тензите меѓу Кина и САД растат, а Пекинг ја подготвува армијата за можен ангажман околу Тајван до 2027 година, прашањето е колку е моќна кинеската армија – и уште поважно, колку е стабилна отвнатре.
















