Европа се наоѓа пред работ на целосен енергетски мрак и парализа на воздушниот сообраќај, откако Фатих Бирол од Меѓународната агенција за енергија упати драматично предупредување дека резервите на авионско гориво на континентот се при крај. Според најцрните предвидувања, доколку не се најде итно решение, европското небо би можело да отиде во принудна пауза за само шест недели. Оваа криза, која брзо се претвора во најголемата досега, е директна последица на блокадата на Ормускиот теснец, клучната „артерија“ за светската енергија, каде конфликтот со Иран целосно го прекина протокот на нафта и гас кон глобалните пазари.
Првиот и најсилен удар веќе го чувствува авио-индустријата, каде недостигот на гориво наскоро ќе доведе до масовно откажување на летови и вртоглав раст на цените на билетите, правејќи го патувањето луксуз за милиони граѓани. Но, проблемот е многу подлабок – блокадата на овој стратешки премин предизвика опасен домино-ефект што ги тресе економиите од Азија до Латинска Америка. Покрај авионите, на удар се и домаќинствата бидејќи растот на цените на природниот гас и електричната енергија создава неподнослив инфлациски притисок кој веќе го забавува економскиот раст на целиот континент.
Ситуацијата дополнително се комплицира со одлуката на Иран да воведе такси за премин на бродовите, што експертите го сметаат за опасен преседан кој може да ја промени глобалната трговија засекогаш. Дури и во случај на итно смирување на тензиите, патот до закрепнување ќе биде долг и мачен бидејќи над 110 танкери се заглавени во чекање, а голем дел од енергетската инфраструктура е сериозно оштетен. Проценките велат дека ќе бидат потребни дури две години за производството да се врати во нормала, што значи дека обичните граѓани долго ќе ги чувствуваат последиците преку повисоки сметки и поскапи основни производи. Светот сега е на одлучувачки тест дали ќе најде излез или ќе потоне во долготрајна енергетска нестабилност.










