Азербејџанското Министерство за надворешни работи денеска го повикало рускиот амбасадор во Баку на итен разговор, откако руска ракета ја оштетила зградата на азербејџанската амбасада во Киев.
Според официјалното соопштение, проектил од типот „Искандер“ паднал во близина на дипломатската мисија, при што била причинета материјална штета на дел од објектот и на службените возила. Иако ударот бил силен, нема повредени дипломати или членови на персоналот, објави „Киев Индепендент“.
Инцидентот се случил за време на масовен руски ракетен и дрон-напад врз украинската престолнина, во кој загинале најмалку шест лица, а десетици биле ранети.
Настанот повторно отвора прашања околу дипломатските односи меѓу Москва и Баку, особено што доаѓа само еден месец по обидите за стабилизирање и подобрување на комуникацијата меѓу двете земји.
















