Во Милано вечерва свечено беа отворени Зимските Олимписки Игри кои ќе траат до 22 февруари, а Македонија ќе има свои претставници на големата светска сцена.
Македонската делегација продефилира во два дела, како и останатите селекции – дел на стадионот „Сан Сиро“ во Милано, а дел во Кортина.
Нашиот тим го сочинуваат четворица натпреварувачи. Јана Атанасовска, најмладата во составот и рекордерка во алпско скијање, ќе настапи во слалом и велеслалом. Во истите дисциплини ќе се натпреварува и Виктор Петков.
Во нордиските трки Македонија ќе ја претставуваат Ставре Јада, кој настапува на својата трета Олимпијада, во дисциплините спринт и 10 км интервал старт, како и Ана Цветановска, која по настапот во Пекинг повторно ќе се бори во спринт и 10 км интервал старт.
Знамето на Македонија на свеченото отворање го носеа Ставре Јада и Јана Атанасовска.

















