Од утре, 11 април, од 18 часот па сè до завршување на велигденските одбележувања, во Скопје ќе важи посебен сообраќаен режим со можни затворања на повеќе клучни улици и булевари.
Според најавите на СВР Скопје, мерките ќе се применуваат по потреба, во зависност од движењето на граѓаните околу верските објекти. Во центарот, можно е да бидат затворени делови од булеварите „Партизански одреди“, „Св. Климент Охридски“ и улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“.
Затворања се предвидени и во Ѓорче Петров, кај црквата „Св. Петар и Павле“, како и во Аеродром, каде по потреба ќе се затвори патот кон Лисиче. Не е исклучено да бидат блокирани и други улици околу црквите.
Поради измените, дел од автобусите на ЈСП ќе сообраќаат по променети траси. Линиите што минуваат преку мостот „Гоце Делчев“ ќе се пренасочуваат преку „Илинден“ и „Франклин Рузвелт“, додека дел од линиите низ центарот ќе се движат по „М.Т. Гологанов“.
Од МВР апелираат граѓаните навреме да ги испланираат движењата и да ги почитуваат насоките на полицијата, бидејќи се очекува зголемена гужва во вечерните часови.









