Домаќинствата и фирмите во Скопје од сега ќе мора да се придржуваaт кон новите правила: изнесувањето ѓубре после 22 часот е забрането. Одлуката ја донесе Советот на Град Скопје на предлог на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Целта на мерката, според градските власти, е поефикасно празнење на контејнерите и намалување на дивите депонии околу нив. Секој што ќе се обиде да фрла отпад во забранетите часови ќе биде казнет.
Според образложението од Градот, оваа одлука ќе им даде правен основ на инспекторите и комуналните редари да постапуваат против сите што ќе ги прекршат правилата. И физички и правни лица ќе се казнуваат согласно Законот за комунални дејности.
Претседателот на Советот, Даме Димитровски, ја поддржа мерката и ја спореди со системи што веќе функционираат во големи светски градови.
Димитровски објасни дека во Истанбул отпадот може да се фрли само во точно определен краток временски прозорец пред празнењето на контејнерите, додека во Токио времето за одлагање е строго дефинирано според видот на отпадот и распоредот на камионите. Според него, воведувањето на селективни корпи ќе ја подобри практиката уште повеќе.
Од друга страна, дел од советниците реагираа бурно. Советничката на Левица, Катерина Јовановска, изјави дека мерката е скандалозна и дека забраната претставува ограничување на основна навика на граѓаните. Таа обвини дека со ова Градот ја префрла вината за нефункционалноста на комуналните служби врз населението.
Паралелно со оваа одлука, Советот го усвои и ребалансот на буџетот. Со 37 гласа „за“, и само еден „против“ и „воздржан“, беше изгласано намалување на буџетскиот дефицит за повеќе од 15 милиони евра. Според градоначалникот, ќе има повеќе средства за реконструкција на улици, кружни текови и инфраструктурни проекти, како и 70 илјади евра за новогодишно украсување и прослава.
Ѓорѓиевски повтори дека Градот и јавните претпријатија се соочуваат со долгови над 300 милиони евра и најави заострена наплата на даноците. Според него, регистрираните станови се двојно повеќе од оние што моментално се водат како даночни обврзници.
Советниците од СДСМ го поддржаа ребалансот за да се подобри работата на јавните претпријатија и да се деблокираат процесите што, како што велат, долго време стагнирале.
















