ПРВ.мк
Скопје

Голема вест за жителите на Скопје - еве што се ќе се менува со изгласаниот ребаланс

Голема вест за жителите на Скопје - еве што се ќе се менува со изгласаниот ребаланс
Kristal

Советот на Град Скопје денеска официјално го усвои ребалансот на буџетот со 37 гласа „за“, еден „против“ и еден „воздржан“. Со оваа одлука се отвора пат за стабилизирање на финансиската состојба и забрзување на проектите што подолго време биле заглавени во административен застој.

Од Град Скопје истакнуваат дека оваа одлука претставува важна точка на пресврт по долг период исполнет со блокади, политички несогласувања и нефункционалност на системот.

Според градската администрација, со новиот ребаланс се намалува буџетскиот дефицит за речиси милијарда денари, а истовремено се зголемуваат средствата за капитални вложувања за околу 99 милиони денари. Како што информира кабинетот на градоначалникот, ова значи крај на импровизацијата и почеток на реализација на проекти што граѓаните долго ги очекуваат.

Дополнително, градските служби нагласуваат дека ребалансот гарантира редовна исплата на платите во јавните претпријатија, како и значително кратење на непродуктивните трошоци што со години го оптоварувале градот.

Посебен фокус е ставен на јавниот превоз како една од најкритичните точки во функционирањето на градот. Од Град Скопје информираат дека во тек се активности за реактивирање на Градскиот воз во соработка со Министерството за транспорт, како и продолжување на постапката за набавка на 80 нови автобуси, процес што веќе го води Владата.

Во рамките на плановите се разгледува и воведувањето на БРТ-системот како модерно решение за побрз и поефикасен превоз, што би значело значајна трансформација на јавниот транспорт во Скопје.

До крајот на годината, сите училишта под надлежност на Град Скопје ќе добијат нови спортски терени, фитнес-зони, опрема за информатички кабинети, смарт-табли и лаптопи за најуспешните ученици. Истовремено, ќе се реши и долгогодишниот проблем со недостигот на училишни клупи и столици.

Зелениот дел од буџетот предвидува старт на изградбата на новите паркови „Христијан Тодоровски – Карпош“ и „Лепенец“, како и формирање на дополнителни 50 мали зелени површини во различни делови на градот.

Ребалансот опфаќа и продолжување на инфраструктурните проекти што со години не се помрднале од мртва точка. Меѓу нив се реконструкцијата на улицата Фрањо Клуз, кружниот тек во Ѓорче Петров, третата лента на булевар Александар Македонски, како и продолжение на работите на булеварите АСНОМ, Хрватска и клучката кај Момин Поток.

Исто така, обезбедени се средства за проектна документација и експропријации кои ќе овозможат старт на неколку големи сообраќајни зафати, вклучувајќи го и продолжувањето на булевар Борис Трајковски.

Од Градот уверуваат дека со овој ребаланс конечно се прекинува периодот на застој и почнува нова етапа на развој, со јасна цел Скопје повторно да стане модерен, функционален и европски град.

Escape