ПРВ.мк
Скопје

Започна тестирањето: Нов еко автобус вози низ Скопје - еве што значи ова за јавниот превоз

Започна тестирањето: Нов еко автобус вози низ Скопје - еве што значи ова за јавниот превоз
Kristal

Од денеска низ Скопје започна пробно да сообраќа уште еден автобус на гас, овој пат произведен од полската фабрика „Соларис“. Според планот, автобусот ќе вози на линијата број 2 во период од еден месец и половина, со цел ЈСП „Скопје“ да ги тестира перформансите, економичноста и практичноста во секојдневниот сообраќај.

Градоначалникот Петре Шилегов изјави дека новиот автобус е изработен според најновите еколошки стандарди и значително ја намалува потрошувачката во споредба со дизел моделите. Според него, ваквите возила се важен чекор кон модернизација и зелена трансформација на јавниот превоз.

„Овој автобус троши двојно помалку од постоечките дизел автобуси, што не само што ги намалува трошоците, туку и го подобрува квалитетот на воздухот. Ова е одлична можност Градот да собира реални искуства кои ќе бидат искористени при понатамошното планирање и набавка на нови еколошки возила. За таа цел, годинава предвидовме 100 милиони денари за нови еко автобуси за ЈСП и дополнителни 20 милиони денари за приватните превозници“, изјави Шилегов.

Во моментов на линијата број 5 веќе сообраќа автобус на гас произведен од „Мерцедес“, а во скоро време во сообраќај ќе биде пуштен и електричен автобус на линијата број 15.

Покрај новите возила, Шилегов најави и нов јавен повик за субвенционирање велосипеди, кој ќе започне утре. Граѓаните ќе можат да добијат субвенција според принципот „прв дојден, прв услужен“, при што Градот ќе покрива половина од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари. Оваа сума е намалена за да може програмата да опфати поголем број апликанти, а по прв пат субвенцијата ќе биде достапна и за лица со телесен инвалидитет.

Процесот за модернизација на јавниот превоз продолжува, а градските власти најавуваат уште чекори кон еколошки и поекономичен транспорт во главниот град.

Escape