Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Н.А., вработен во Полициската станица од општа надлежност Аеродром при СВР Скопје, поради сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“, предвидено и казниво по член 236 став 4 во врска со став 1 точка 1 и член 22 „соизвршителство“ од Кривичниот законик.
Според информациите, пријавениот полициски службеник во повеќе наврати, во периодот од 5 јануари до 7 мај 2025 година, во предходен договор и со заедничко дејствување со три лица од Скопје, противправно одзеле бакарни кабли од јавни инсталации кои припаѓаат на акционерско друштво од Скопје, сместени во кругот на поранешна фабрика во главниот град.
Одделот за внатрешна контрола најави дека против осомничениот ќе биде поднесен предлог за поведување дисциплинска постапка, а како мерка за заштита на интегритетот на институцијата, ќе му биде изречена суспензија и отстранување од работното место.
Случајот предизвика сериозни реакции во јавноста, бидејќи повторно го отвора прашањето за внатрешната контрола и одговорноста во полициските структури. Министерството најави дека ќе продолжи со строги проверки и дисциплински мерки за сите вработени кои ќе бидат вмешани во незаконски активности.
















