Во вистинска филмска сцена, возач вработен во Јавното претпријатие за комунални дејности „Тополка“ од општина Чашка бил фатен на лице место како краде нафта од службено возило, а дополнително, при претрес на неговиот дом, полицијата пронашла и нелегална муниција и опрема за полнење ловечки патрони.
Инцидентот се случил на 16 јули 2025 година, во 12:45 часот, на депонија во атарот на селото Раковец, општина Чашка. Полициски службеници од СВР Велес го затекнале Д.Ѓ. (57), жител на општина Чашка, додека со црево претурал нафта од резервоарот на камион на претпријатието во пластични садови.
На местото биле одземени две пластични туби од 6 и 10 литри, наполнети со нафта, како и цревото што го користел за точење.
Но тоа не е сè – по наредба на Основен суд Велес, полицијата извршила претрес во домот на осомничениот, при што било откриено:
- 7 патрони со калибар 16
- 15 иницијални каписли за ловечки патрони
- 2 пакувања со црна прашкаста материја
- Машинка за затворање патрони
- Кожен ремен за патрони
- Празни чаури
- Други предмети поврзани со изработка или складирање на муниција
За целиот случај е известен јавен обвинител, а против Д.Ѓ. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, откако полицијата целосно ќе го документира случајот.