ПРВ.мк
Македонија

Шокантен извештај од Македонија: Нашите млади се најголеми евроскептици во Европа

Шокантен извештај од Македонија: Нашите млади се најголеми евроскептици во Европа
Kristal

Според публикацијата „Справување со младиот евроскептицизам на Западен Балкан: Случајот Македонија“, претставена во Брисел, расте недовербата на младите кон Европската Унија, и експертите предупредуваат на потребата од итни мерки за спречување на понатамошно продлабочување на овој тренд. До крајот на месецот е најавена и официјална промоција во Скопје.

Иако мнозинството млади има позитивен став кон ЕУ, речиси половина не веруваат дека Македонија некогаш ќе стане членка. Истражувањето открива јаз помеѓу идејата за Европа и реалноста што ја живеат – помеѓу надежта и недовербата, желбата за напредок и институционалните предизвици.

„Овој јаз создава основа за младиот евроскептицизам. Потребна е брза, координирана и долгорочна акција, која ќе ги вклучи младите како активни чинители, ќе ги адресира економските и институционалните бариери и ќе воспостави директна, релевантна и транспарентна комуникација со нив“, стои во публикацијата.

Клучни резултати од анкетата (1.000 учесници, над 80% студенти):

  • 41% имаат позитивен став кон ЕУ, 24% негативен, а 35% неутрален.
  • 46,5% не веруваат дека Македонија некогаш ќе стане членка на ЕУ, 35,8% сметаат дека тоа е возможно, но во далечна иднина, а само 6,7% веруваат дека членството е можно во следните пет години.
  • Најголеми пречки за интеграцијата според младите се: корупција (84,6%), билатерални спорови (61%) и ниска доверба во институциите (60%).

Интереси и очекувања на младите:

  • 76,2% најмногу ги интересираат можностите за работа и живот во ЕУ
  • 55,1% образовни и младински програми (Erasmus+)
  • 50% заштита на човекови права
  • 48,1% екологија
  • 44,5% дигитализација и иновации

Повеќе од 60% не веруваат дека членството во ЕУ би ја намалило емиграцијата, што покажува чувство на несигурност.

Граѓанска активност:

  • 41,6% би учествувале во дијалог со претставници на ЕУ, 30,5% не би, а 27,9% се неопределени.
  • Над 70% се општествено неактивни, а само 8% учествуваат во граѓански или политички иницијативи.

Перцепција за регионалното членство:

  • Албанија – 53,2%
  • Црна Гора – 34,5%
  • Србија – 14,7%
  • Македонија – само 8,2% веруваат дека може да стане членка во следните пет години.

Публикацијата заклучува дека без активно вклучување на младите, процесот на проширување на ЕУ на Западен Балкан ризикува да застане, а младите остануваат критична, но недоволно вклучена група за иднината на регионот.

Escape