Општина Илинден, како една од најбрзорастечките општини во регионот со постојан пораст на бројот на жители, продолжува со активни мерки насочени кон поддршка на младите семејства и подобрување на условите за живот.
Во рамки на овие заложби, уште во 2022 година Општина Илинден воведе субвенции за секое новородено бебе на нејзината територија. Оваа мерка се спроведува континуирано и досега изнесуваше 5.000 денари по новороденче. Во изминатите четири години, околу 470 граѓани го оствариле правото на оваа еднократна парична помош.
Со цел дополнително унапредување на поддршката за младите семејства, Општина Илинден донесе нова одлука за зголемување на износот на субвенцијата. Првото решение за исплата веќе е потпишано, а од 1 јануари 2026 година финансиската помош за сите новородени бебиња ќе изнесува 6.000 денари.
Средствата за оваа намена се обезбедуваат од Буџетот на Општина Илинден, со што локалната самоуправа уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон поддршка на младите семејства и создавање поволна средина за раст и развој.
Потребната документација за остварување на правото на еднократна парична помош, како и Барањето за доделување на финансиска поддршка за семејства со новороденче, се достапни на официјалната веб-страница на Општина Илинден (www.ilinden.gov.mk), како и во Архивата на Општината.

















