Во време кога менталното здравје станува сè поважна тема, ново научно истражување отвора можност за поинаков пристап во третманот на стресот, анксиозноста и депресијата. Станува збор за експериментален молекул наречен PA-915, развиен од истражувачи од Јапонија, кој во досегашните испитувања покажал брзи и долготрајни ефекти во модели на хроничен стрес кај глувци.
Иако во јавноста ова се претставува како „вакцина против стрес“, научниците нагласуваат дека не станува збор за вакцина во класична смисла, туку за нов тип експериментална терапија што делува врз PAC1 рецепторот, дел од мозочниот систем поврзан со реакцијата на стрес.
Според објавената студија, PA-915 кај глувци помогнал во намалување на однесувања поврзани со анксиозност и депресија, а ефектите биле забележани и по подолг период. Истражувачите наведуваат дека ова отвора нова насока за идни третмани на состојби поврзани со хроничен стрес.
Сепак, важно е да се нагласи дека ова истражување е уште во рана фаза и досега не значи дека постои готов лек или терапија достапна за луѓе. За да се утврди дали PA-915 е безбеден и ефикасен кај пациенти, ќе бидат потребни дополнителни клинички испитувања.










