Во Кавадарци во тек се интензивни градежни активности на идниот Био пазар, каде во моментов се работи на поставување на нов канализациски систем како дел од поширокиот проект за целосна инфраструктурна уреденост.

Проектот за изградба на Био пазарот е замислен како современ, уреден и сертифициран простор кој ќе овозможи директна продажба на земјоделски и органски производи. Во него локалните земјоделци, органски производители и мали семејни бизниси ќе можат директно да ги нудат своите производи на граѓаните, без посредници, што треба да овозможи пофер цени и поголема доверба кај потрошувачите.

Според најавите, овој проект е замислен како капитална инвестиција која се темели на три клучни приоритети: подобрување на здравјето на граѓаните преку поквалитетна и проверена храна, зајакнување на економската позиција на локалните производители и создавање одржлива иднина за развојот на Кавадарци.

Инвестицијата на Општина Кавадарци за овој проект изнесува 26.500.000 денари плус ДДВ, што ја позиционира оваа иницијатива како една од поважните локални инфраструктурни вложувања во последниот период.
Со завршување на Био пазарот се очекува создавање на нов центар за локална трговија кој ќе ги поврзе производителите и потрошувачите на поодржлив и поорганизиран начин, со акцент на квалитет, локално производство и економски развој на регионот.










