Полицијата во Тетово поднесе кривична пријава против две лица поради сомнежи за незаконска изградба и узурпација на недвижност.
Станува збор за 45-годишен маж со престој во Германија и 54-годишен жител на село Шипковица, кои според истрагата, во текот на 2023 година подигнале викенд-објект на парцела што е во државна сопственост.
Едниот од осомничените се јавува како инвеститор, додека другиот ја извршувал изградбата. Објектот бил изграден на катастарска парцела во рамки на катастарската општина Шипковица, без претходно да биде обезбедена соодветна дозвола од надлежните институции.
Од СВР Тетово информираат дека против двајцата се поднесени пријави за „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“. Случајот ќе биде предмет на понатамошна постапка пред надлежните органи.
Со ова повторно се актуализира прашањето за нелегалната градба, особено во планинските и атрактивни подрачја, каде државното земјиште често станува цел на бесправни објекти.
















