Во изминатото деноноќие во повеќе градови низ државата биле регистрирани неколку случаи на семејно насилство, а три лица биле лишени од слобода по интервенции на полицијата.
Во Штип, 55-годишен маж бил приведен по пријава дека физички ја нападнал својата сопруга, а според наводите, подолг период вршел насилство и во домот. Во Куманово, полицијата уапсила 43-годишник кој, според пријавата, агресивно се однесувал и ја нападнал својата мајка. Во истиот град, 28-годишна жена пријавила дека по расправија била нападната од поранешниот партнер.
Нов случај бил пријавен и во струшко, каде 37-годишна жена навела дека нејзиниот сопруг, со кого е во бракоразводна постапка, ја следел и ѝ се заканувал.
Во Велес, 40-годишен маж бил приведен откако, според пријавеното, ја нападнал својата партнерка на две различни локации. По полициската интервенција било утврдено и дека бил под дејство на алкохол.
Во Скопје, 40-годишна жена пријавила дека била физички нападната од нејзиниот партнер во викенд-куќа во скопско.
Од полицијата информираат дека се работи на целосно расчистување на сите случаи и дека по нивно документирање ќе следуваат соодветни пријави против инволвираните лица.










