Летото во Македонија не завршува туку така – според најновите долгорочни прогнози, ни претстои уште еден силен топлотен бран, очекуван кон крајот на втората декада од август.
Според ажурираните модели за време (Европскиот ECMWF и Глобалниот GFS), првата недела од август (од 1 до 7 август) ќе донесе нестабилно и посвежо време. Во тој период се очекуваат локални поројни дождови, грмежи, засилен ветер и услови за краткотрајно невреме, вклучувајќи можност за град.
Температурите наутро ќе се движат од 10 до 19 степени, додека преку ден ќе бидат под 30 степени на повеќе места. Во регионот на Повардарието и југоисточните делови од земјата температурата ќе достигне до околу 35 степени, што укажува на поосвежувачки и поудобен период, особено во утринските часови.
Под влијание на посвежа воздушна маса од север, во првата седмица од август ќе имаме потпросечни температури не само во Македонија, туку и во регионот.
Сепак, ова кратко заладување не значи крај на летото. Српскиот аматерски метеоролог Иван Ристиќ најавува уште еден сериозен топлотен бран кој се очекува од 15 до 25 август. Во тој период температурите повторно ќе се искачат до 40 степени Целзиусови, а топлотниот бран би можел да трае од седум до десет дена.
Ристиќ додава дека, иако ќе биде екстремно жешко, интензитетот на топлината би можел да биде нешто поблаг од претходните рекордни топлотни бранови, поради календарскиот премин кон есен.
Летото продолжува, па подгответе се за комбинација од посвежи денови со кратки невремиња и повторни врели температури што ќе го означат неговиот крај.