ПРВ.мк
Магазин

Архангел Михаил се приближува: еве што треба да направите пред празникот

Архангел Михаил се приближува: еве што треба да направите пред празникот
Kristal

Православната црква и верниците на 21 ноември го одбележуваат еден од најголемите христијански празници – Св. Архангел Михаил, во народот познат како Аранѓеловден.

Архангел Михаил се смета за водец на небесните ангелски сили, чувар на верата и заштитник на луѓето. Според христијанското предание, тој прв застанал против паднатиот ангел Луцифер и со тоа станал симбол на победата на доброто над злото. Неговото име, според црковното толкување, значи: „Кој е како Бог“.

Во народните верувања постои традиционална приказна дека Архангел Михаил ги посетува болните за да реши дали ќе оздрават или не. Се верува дека ако застане кај главата – болниот ќе се опорави, а ако застане кај нозете – исходот не е добар.

Празникот секогаш се слави на ист датум, во доцна есен. Според старите верувања, Архангел Михаил ја добил улогата на чувар на есенско-зимскиот период – време на студ, искушенија и тешкотии. Се верува дека тогаш тој „оди по земјата“ облечен како сиромав, за да ги казни горделивите и да им помогне на смирените.

Според времето на празникот, народот предвидувал каква ќе биде зимата. Ако времето е тивко и мирно – и зимата ќе биде блага, а ако е студено и ветровито – следува долга и сурова зима.

Дали трпезата ќе биде посна или мрсна зависи од денот во неделата. Ако празникот падне во среда или петок – се пости. Оваа година празникот е во сабота, па дозволена е мрсна трпеза. Сепак, на масата традиционално секогаш се става варена пченица, како спомен за покојните.

Историски контекст и духовно значење

Од најстарите времиња ангелите биле почитувани од луѓето, но понекогаш тоа почитување се извртувало во идолопоклонство. Поради тоа, Лаодикискиот собор, одржан неколку години пред Првиот Вселенски собор, строго го утврдил правилното почитување на ангелите – како Божји служители, а не како богови.

Празникот е востановен во 4 век, во времето на папата Силвестер и александрискот патријарх Александар. Тој е поставен во месец ноември затоа што, според старите верувања, светот бил создаден во март – а ноември е деветти месец од таа точка, симболичен за деветте ангелски чинови.

Свети Дионисиј Ареопагит ги опишува овие чинови во своето дело „За небесната јерархија“:

  1. Серафими
  2. Херувими
  3. Престоли
  4. Господства
  5. Сили
  6. Властите
  7. Началства
  8. Архангели
  9. Ангели

Архангел Михаил е архистратиг – врховен војвода на сите небесни сили.

Неговата улога за луѓето

Се верува дека секој народ има свој ангел чувар, а секој христијанин има свој личен ангел заштитник. Поради тоа се смета дека секој наш збор, мисла или дело се прави во нивно присуство.

На Денот на Страшниот Суд, според преданието, сите ангели ќе застанат пред Божјиот престол како сведоци на делата на човештвото.

Именден празнуваат:

Ангел, Ангелина, Михаил, Михаела, Милка, Мила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка и изведени имиња.

Escape