Британските и американските истражувачки станици на Антарктикот бараат нови вработени, нудејќи позиции од научни и инженерски до занаетчиски и оперативни. Работата не се сведува само на лабораториски активности – базите функционираат благодарение на цел тим кој обезбедува поддршка во екстремни услови.
Во станицата „Халеј VI“ престојува тим од околу 40 луѓе, кој собира вселенски и атмосферски податоци и проучува ледените гребени и дупката во озонската обвивка. Летната сезона трае од ноември до февруари, со температури што се движат од -20 до -40 Целзиусови степени, а сонцето не заоѓа цел ден.
Раководителот на станицата одговара за резервите, безбедноста и здравјето на тимот, како и за организација на обуки и грижа за функционирањето на вработените во изолација, каде личниот простор е ограничен.
Британската антарктичка служба секоја година вработува до 150 лица. Околу 70% од работните позиции се оперативни – електричари, готвачи, водоводџии, медицински техничари и лекари – со почетна годишна плата од околу 35.000 евра, вклучувајќи сместување, оброци, патни трошоци и специјализирана опрема за екстремни температури.
Во текот на летото на Антарктикот работат околу 5.000 луѓе во 80 станици под управата на 30 држави. Покрај британските станици, позиции огласува и американската Антарктичка програма, а Британската служба организира отворен ден во март за заинтересираните.


















