Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, уверува дека граѓаните можат да бидат спокојни и дека нема простор за грижа околу финансиите на државата. Во гостувањето во Дневникот на Сител, таа истакна дека Буџетот за 2026 година е изработен одговорно, внимателно и со фокус на стабилизација на јавниот долг, кој со години наназад се акумулирал неконтролирано.
Според неа, подготовката на новиот буџет била сериозен и сложен процес, пред сè поради поставената задача за фискална консолидација. Таа потенцираше дека токму оваа мерка требало да се спроведе уште претходните години, особено во периодот на висока инфлација, но оти тоа не се случило, па целиот товар сега паднал на актуелната влада.
Министерката нагласи дека државата во текот на 2026 година треба да врати долгови во висина од 2 милијарди евра – обврски за кои вели дека се резултат на, како што ја опиша, „душманска и расипничка финансиска политика од минатото“. Со тоа, граѓаните треба да знаат дека новиот буџет не создава нов долг, туку работи на стабилизирање и консолидација на постојниот.
Како што додаде, приходната страна на буџетот е проектирана внимателно и реално, а доколку економијата продолжи да расте, можно е и надминување на планираните бројки. Расходите, пак, се детално образложени и оптимизирани со јасна цел – дисциплинирано и оправдано трошење.
Димитриеска-Кочоска одговори и на критиките за наводни кратења кај социјалната помош, појаснувајќи дека намалувањето на бројот на корисници е резултат на подобрено управување и нивно вклучување на пазарот на труд, а не на укинување на правата. Лицата со попреченост, според неа, остануваат целосно заштитени и покриени во буџетот.
Кога станува збор за капиталните проекти, министерката посочи дека бројките зборуваат сами за себе. До 13 ноември оваа година реализирани се 22,1 милијарди денари според новата методологија, или 28 милијарди според старата – што претставува раст од 47,4 проценти во однос на лани. Со буџетот за 2026 се предвидуваат 40 милијарди денари за капитални инвестиции, бројка која министерката ја оцени како реална и целосно остварлива, земајќи ги предвид капацитетите и состојбата во градежниот сектор.
Државата, вели таа, ги обезбедува сите законски обврски – пензии, плати и други надоместоци. Пензиите ќе продолжат да растат според утврдената формула, вклучувајќи го и зголемувањето во април од околу 1.000 денари, како и редовната корекција во септември. Истото важи и за минималната плата и сите други надоместоци.
На крај, Димитриеска-Кочоска порача дека Буџетот за 2026 година е реален, развоен и одговорно планиран документ чија примарна цел е финансиска стабилност на државата и континуирана поддршка на граѓаните.
















