Гордана Дувњак, искусна новинарка и уредничка со повеќе од 35 години работа зад себе, почина денес на 61-годишна возраст по долго боледување, потврдија од нејзиното семејство. Таа важеше за една од најценетите професионалки во својата област, особено препознатлива по својот придонес во политичкото и правосудното новинарство.
Образованието го стекнала на Факултетот за новинарство при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а припаѓаше на генерацијата новинари кои својата кариера ја започнале во периодот на големи општествени промени – транзицијата по падот на комунизмот и создавањето на независната македонска држава.
Своите први професионални чекори ги направила во Македонската радио-телевизија, каде работела две години како почетник. Потоа, во периодот од 1991 до 1999 година, била дел од редакцијата на „Нова Македонија“, каде постепено се изградила како сериозна политичка новинарка.
Нејзината кариера продолжила во „Утрински весник“, каде од 1999 до 2017 година работела како новинарка и уредничка. Во овој период се профилирала како квалитетен аналитичар на правосудниот систем, а зад себе остави и бројни интервјуа со значајни личности од општествениот и политичкиот живот. По овој ангажман, кратко време работела во Макфакс, а од 2019 година била дел од редакцијата на „Фокус“.
Во 2023 година ја презеде функцијата портпаролка на Судскиот совет, со што дополнително го заокружи своето долгогодишно професионално искуство.
Погребот на Гордана Дувњак ќе се одржи утре со почеток од 11 часот на гробиштата Бутел во Скопје.











