Тригодишно дете од Подгорица го загубило животот синоќа околу 21 часот во Сутоморе, откако било удрено од автомобил на магистрален пат, соопштија од полицијата на Црна Гора.
Според првичните и неофицијални информации, детето, родено во 2022 година, во еден момент истрчало на коловозот при излегување од автобус. Притоа, се оттргнало од рацете на својата мајка, по што следувал трагичниот судир со возило кое се движело по патот.
По несреќата, детето било итно пренесено за укажување медицинска помош, но поради сериозноста на повредите, лекарите не успеале да го спасат неговиот живот.
Поради увидот и интервенцијата на надлежните служби, сообраќајот на делницата Сутоморе – Петровац бил целосно во прекин одреден период, додека траеле активностите на терен.









