Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека задолжителниот воен рок во земјата би можел да биде повторно воведен од 1 март, со времетраење од 75 дена. Според неговите изјави, првите повици за регрутација се очекуваат веќе во есента, во септември и октомври.
Тој посочи дека реално е сите подготовки да се завршат навреме, со цел да започне процесот на испраќање на регрутни повици во текот на есента, додека самото служење на воениот рок би стартувало на 1 март.
Вучиќ нагласи дека новиот модел на задолжителна воена служба ќе биде значително пократок во споредба со претходниот, кога воениот рок траел една година. Според него, периодот од 75 дена е доволен за младите да стекнат основни воени знаења и практични животни вештини.
Тој додаде дека преку ваквиот систем младите ќе развијат поголема дисциплина и одговорност, а државата ќе добие посилна одбранбена структура. Воедно најави и дополнителни инвестиции во воени центри и реконструкција на касарни во пограничните региони, од Сомбор до Пирот, со цел подобрување на воената инфраструктура.










