Парламентот на Бугарија денеска на прво читање го одобри предлог-законот кој им овозможува значајно олеснување на родителите со помали деца. Со 181 глас „за“, пратениците го поддржаа предлогот родителите и старателите на деца до 12 години за време на летниот распуст да можат да работат со скратено работно време или да ја извршуваат својата работа од далечина.
Оваа измена на Законот за работни односи, предложена од Деница Сачева и група пратеници од ГЕРБ-СДФ, претставува проширување на досегашното решение кое се однесуваше само на родители на деца до осум години. Новиот модел предвидува дека флексибилноста може да се користи исклучиво за време на летниот распуст, период кога семејните обврски и грижата за децата најмногу се зголемуваат.
Според предлагачите, оваа мерка ќе им помогне на семејствата полесно да го организираат секојдневието, да ја намалат потребата од дополнителна грижа за децата и да го усогласат работниот ритам со домашните обврски за време на летните месеци.
Предлог-законот сега продолжува во следната фаза на разгледување, а доколку биде целосно усвоен, Бугарија ќе стане една од ретките земји во регионот која на овој начин им излегува во пресрет на работниците со мали деца.
















