Од денес, 13 октомври, во цела Република Албанија е воведена целосна забрана за користење електрични тротинети, која важи за сите граѓани. Одлуката е донесена од страна на државната полиција, по состанокот меѓу министерката за внатрешни работи, Албана Кочиу, и генералниот директор на полицијата, Илир Прода.
Како што беше појаснето, забраната е привремена, и ќе остане на сила сè додека не се изготви детална регулатива која ќе го уреди користењето на овие превозни средства. Планот е да се воспостават строги правила, кои ќе ги опфаќаат критериумите за возраст, дозволена брзина, обврска за носење кациги, осветлување, како и точно определени патишта и простори каде овие возила ќе можат (или нема да можат) да се движат.
Министерката Кочиу изјави:
„Денес побарав од Државната полиција привремено да го забрани движењето на електрични скејтборди на патот. Сакам да ги информирам сите кои ги гледаат овие возила како бизнис за дневно изнајмување, да не инвестираат во таа насока. Во иднина дозволи ќе се издаваат само за лична употреба, по завршувањето на целиот процес.“
Таа нагласи и дека Албанија не е изолирана во овој проблем, бидејќи слични мерки веќе се преземени во земји како Франција, Италија, Германија, па дури и Северна Македонија, каде што постојат трајни или делумни блокади на вакви превозни средства.
Во наредниот период, албанското Министерство за внатрешни работи ќе работи на комплетна законска рамка, која најверојатно ќе вклучува:
- Минимална возраст за користење – се разгледува граница од 16 години
- Безбедносни обврски – задолжителни кациги, светла, и ограничување на брзината
- Регулирани зони – каде ќе биде дозволено или забрането движење на скутерите
Од понеделник, државната полиција започнува активна операција за спречување на движење на овие возила низ патиштата. Генералниот директор Илир Прода соопшти дека ваквата одлука е резултат на сериозна анализа и податоци кои покажуваат дека во 2024 година се регистрирани дури 991 несреќи со овие возила – од кои дел завршиле со сериозни повреди, а некои и со смртни последици.
„Овој феномен стана сериозна закана за јавната безбедност. Нашата интервенција е итна, но неопходна“, додаде Прода.