Одморот во Грција оваа година ќе удри посилно по џебот на туристите, откако стапи на сила новиот закон за изнајмување недвижности кој значително ги зголемува трошоците за сопствениците на апартмани. Според проценките од туристичкиот сектор, цените за сместување веќе се зголемени за 10 до 20 проценти, а растот допрва ќе се почувствува во шпицот на сезоната.
Законот, кој официјално важи од 1 октомври 2025 година, воведува задолжителна сертификација на туристичките апартмани, како и низа нови фискални обврски. Само за добивање сертификат сопствениците плаќаат околу 600 евра по стан, а дополнително се обврзани на туристичка такса и 15 проценти месечен данок на приходот од изнајмување.
„Кога ќе се пресметаат сите давачки, на сопствениците често им останува помалку од половина од вкупниот приход“, вели Ана Павлица Мајоров, сопственичка на агенција за недвижности од Переја, во близина на Солун. Таа додава дека оние кои издаваат преку платформи како Booking или преку агенции, се соочуваат со уште поголеми трошоци поради провизиите.
Дополнителен удар за издавачите претставува и ограничувањето според кое едно физичко лице може да изнајмува најмногу два стана. Секој што поседува повеќе недвижности и сака да ги издава, мора да се регистрира како правно лице, што значи повисоки административни и даночни обврски – особено проблематично за странските сопственици.
Покрај законските измени, цените растат и поради скапите енергенси, одржувањето и недостигот од работна сила, што директно се префрла врз туристите.
Трендот го потврдува и Александар Сеничиќ, директор на Здружението на туристички организации на Србија, кој проценува дека аранжманите за Грција оваа година ќе бидат поскапи за 10 до 12 проценти во споредба со минатата сезона.
Иако новите правила, според грчките власти, имаат за цел да воведат ред и поголема контрола на пазарот, туристичките работници предупредуваат дека тие ја прават Грција сè помалку „буџетска“ дестинација – имиџ што со години ја привлекуваше масата туристи од Балканот.

















