Хрватската јавност е вознемирена откако во близина на Сисак исчезнале тројца малолетници на возраст од 16, 14 и 13 години. Според информациите од полицијата, тинејџерите во средата го напуштиле својот дом и се оддалечиле во непознат правец, по што им се губи секоја трага.
Полицијата упати јавен повик до граѓаните со молба, доколку забележат или поседуваат било каква информација поврзана со исчезнатите тинејџери, веднаш да ја контактираат најблиската полициска станица.
Во меѓувреме, семејствата на исчезнатите Патрик, Адриано и Кјара се обратија до јавноста споделувајќи детали за последните моменти пред нивното исчезнување.
Мајката на Патрик изјави дека првите сомнежи започнале кога ја контактирала мајката на Кјара, обидувајќи се да допре до своите деца, но без успех. Таа посочила дека Патрик и Кјара се во врска и постои сомнение дека сите тројца се заедно. Патрик одговорил на неколку пораки, но неговите одговори биле кратки, службени и невообичаени.
„Тој ми пишуваше само со да или не. Тоа беше последниот контакт. Од средата навечер повеќе нема никаков траг“, изјави мајката.
Другата мајка потврди дека семејствата ги провериле сите можни локации каде што тинејџерите можеби би се упатиле, но без резултат.
„Никогаш досега не се случило нешто слично. Сега останува само да чекаме, а секоја минута е вечност“, додаде таа.
Полицијата продолжува со интензивна потрага, а случајот предизвика огромен интерес и загриженост во Хрватска, каде што јавноста масовно го споделува апелот со надеж дека децата ќе бидат пронајдени живи и здрави.
















